Да се биде родител е прекрасно чувство, особено за младите родители кои нетрпеливо ги чекаат оние 9 месеци кои бебето ги поминува во стомачето на мама. Моментот кога ќе се пресече папочната врвца, која не само што го развива бебето туку и емотивно го поврзува со мајката, е неповторлив за родителите и за семејството.

ПРВИОТ ПЛАЧ И ПРВИТЕ СНИМКИ
Искуството од странство каде што акушерките најчесто го сликаат малото бебе за да стои сликата покрај креветот на мајката-родилка ни даде поттик и ние во „Ре-Медика“ да ги зачуваме и овековечиме радосните моменти на породувањето како убав спомен за мама и тато. Од почеток скромно, но подоцна со поголем елан нашата анестезиолошка служба ги прави првите слики на новороденчињата. „Ре-Медика“ е позната меѓу родилките и како бејби-френдли (baby-friendly) и мама-френдли (mother-friendly) болница без стрес и без болка. Потврда за тоа ни се илјадниците пациенти кои им даваат препорака на своите најблиски и на пријателите кои имаат потреба за професионална медицинска дијагностика, третман и нега. Во зависност од тоа на кој начин мајката ќе го роди бебето, нашата анестезиолошка служба обезбедува мајката актот на породување да го доживее без многу болка и да и остане во убаво сеќавање. Од самиот почеток на работата на „Ре-Медика“ започнавме со епидурално или поретко спинално обезболување – аналгезија на родилките како најдобра метода и како стандард кој е достапен 24/7 за нормалните породувања.

И ТАТКОВЦИТЕ НА ФОТОГРАФИИТЕ
Доколку породувањето се одвива спонтано, тато може да присуствува и да ја бодри мама заедно со целиот наш тим. Ние ги охрабруваме и бодриме татковците како што е практика и во другите развиени земји да присуствуваат на породувањето. Така, некогаш на сликите со бебето се и мама и тато. Кај родилки што се породуваат со царски рез, спиналната (еднократна) анестезија е метода на избор, поретко епидуралната, при што мајката е будна, го слуша првиот плач на бебето, си го гледа додека го средуваат и стоплуваат, а потоа го ставаат на градите на мама да се прегрнат. Навистина е чудесен тој момент кога бебето кое претходно плачеше ќе го осети мирисот на мајка си и престанува да плаче, кога го прави првиот обид да ги отвори очињата да ја види мама и да ја погали по лицето со своите мали прстиња. По желба на мајката овие прекрасни моменти (првиот допир, првото гушкање, солзите радосници на мама) ги овековечуваме со повеќе слики кои денес, во ерата на современата комуникација, е лесно веднаш да ги препратиме и на сите кои мама сака да ги изненади.

ПРЕКРАСНИ СПОМЕНИ И ЗА НАС
Убаво е чувството кога по повеќе години се сретнуваме со родители покрај кои има едно пораснато детенце коешто трча наоколу, а мама го носи во стомачето неговото идно братче или сестричка, и кога мама и тато ќе нè потсетат на првите фотографии на детенцата што сме им ги подариле. Тој момент е единствен, уникатен и неповторлив и им благодариме што целосно ја имаат довербата во нас за да заедно ги доживуваме овие прекрасни моменти, а сликите да ни ги зачувуваат засекогаш.

Leave a reply