“Cessante causa, cessat et effectus” – Штом престане причината, престануваат и последиците

Состојба со која често се сретнуваме во секојдневната амбулантска пракса. Состојба која посебно кога се работи за крварење од носот е пратена со многу емоции, возбуда, страв и изразена паника од искрварување од страна на околината. Крварењето може да биде слабо изразено или како велиме капка по капка или пак појако изразено во млаз. Секако дека првенствено е, да се објасни за настанатата состојба, да се смират емоциите и секако да се превземат сите мерки за да се сопре крварењето. После сопирањето на крварењето секако треба да се најде и причинителот кој довел до таа состојба.

Причини за крварење можат да бидат многубројни: банални чепкања со прсти во носот при што се најчести крварења од крвниот сплет (Lokus Kisselbachi) кој е во предните партии на носната преграда, воспаленија на носната лигавица, прекумерно користење на салицилати (Andol, Analgin, Aspirin), повреди во предел на носот, туморозни творби во носната шуплина, поретко но не смее да се заборави и покачен крвен притисок, при акутни заразни заболувања, леукози, анемии, хемофилии и други состојби. Набројувајќи ги делимично причинителите согледуваме дека секој пат треба да имаме внимателен и озбилен пристап кон овие крварења и да тежнееме до пронаоѓање на точниот причинител после смирување на состојбата.

При една таква настаната состојба потребно е да земеме добра анамнеза (податоци за евентуалните причинители, за честотата на крварењето, обимот и евентуалните останати пропратни симптоми). При податоци за повреди посебно од потежок степен не треба да заборавиме за евентуални повреди на базата на черепот и можноста од ликвореа. Ако имаме податок за чести крварења и истите пратени со долготрајно отежнато дишење на нос, а се работи за машки деца во пубертет може да се посомневаме и на туморозни творби (јувенилен ангиофибром), а секако и податоци за претходно лекувани состојби.

Сепак најважно во вакви состојби е корекното лекување т.е. сопирање на крварењето, за што е потребно да се запазат одредени постапки. Примарно е пациентот да се постави во исправена положба, а никако да се легнува (легнувањето само предизвикува слевање на крв во грлото, пратено со гушење, кашлање и искашлување со што уште повеќе се зголемува стравот и паниката). По претходно проверен крвен притисок и ако истиот е без некој поголеми промени, основно е да се проба да се издува носот од страната каде што крвари за да би се издувале веќе настанатите парчиња од згрушена крв па потоа да се натера да се зема воздух на нос и испушта на уста, се со цел ладниот воздух да предизвика стегање на крвните садови, секако ако се работи за мали крварења. Ако се регистрира крварење од предните партии може да се проба со притискање на носното крилце 3-5 минути за да се сопре крварењето.

Ако со предна риноскопија се регистрира поголем крв сад може да се направи хемиска каутеризација (горење) со сребро нитрат, sol.Albotil или пак со електрокоагулација ако за тоа има услови.

При појаки крварења можеме да пласираме крпчиња натопени со средства за стегање на крвните садови и анестетик или пак да се направи внимателна предна тампонада со јодоформ штрајфна на носната шуплина.

Во последно време е добро што и кај нас имаме носни катетери (балони) практични за амбулантско работење за сопирање на крварења од носот и истите се далеку полесни за поставување и секако побезболни за пациентите. Мора да напоменеме дека во исклучителни случаеви може да биде потребно и оперативно решавање на овој проблем.

Д-р Николица Цекиќ Оториноларинголог Надворешен консултант на Ре-Медика

Leave a reply