Неодамна во „Ре-Медика“ беше одржана обука за медицинскиот персонал, а акцентот беше ставен на професионалната и успешна комуникација кон пациентите, со особен осврт на перцепцијата, прифаќањето, емпатијата, искреноста, почитувањето, отвореноста и љубезноста.

„Успешна комуникација во здравството“ е темата на обуката која неодамна се одржа со дел од медицинскиот персонал во првата приватна општа болница „Ре-Медика“. Обуката ја одржа проф. д-р Александра Србиновска-Дончевскиод Универзитетот ФОН, а акцентот беше ставен на професионалната и успешна комуникација на медицинскиот персонал кон пациентите со особен осврт на перцепцијата, прифаќањето, емпатијата, искреноста, почитувањето, отвореноста и љубезноста.

– Ваквите обуки се повеќе од неопходни, бидејќи човекот кога е здрав многу малку или воопшто не размислува за вредноста на здравјето. Исклучок се професионалците, односно медицинскиот персонал, кои се во секојдневен контакт со пациентите. Болеста го менува секој човек, се зголемува чувството на слабост во моментот на соопштување на дијагнозата, во периодот на лечење, но и во периодот што следува. Секоја средба со медицинскиот персонал, нивните гестови и зборови, на некој начин се и лек за пациентите. Многубројни испитувања за задоволството на пациентите од медицинскиот персонал покажале дека најголем дел од незадоволството е токму од заемната комуникација. Неопходно е медицинскиот персонал на соодветен начин да се едуцира за тоа каков треба да биде односот конпациентите, како и текот на комуникацијата и културата на здравствената заштита – вели Србиновска-Дончевски. Според неа, ако пациентите се во центарот на вниманието, а нивните потреби се приоритет, се добива релација на доверба што е од исклучителна важност за квалитетна комуникација и работа со пациентите.

– Медицинскиот персонал треба да ги почитува единственоста и индивидуалноста на пациентите, како и нивната приватност. Успешната комуникација во здравството е основа за разбирање, доверба и заемно задоволство. Не се доволни само техничко-стручни услуги, потребен е одговорен и професионален однос кој се темели на стручност, професионалност, но и свест за грижата кон пациентите – истакнува професорката.

Leave a reply